Човековите права и слободи не треба да се тезга

Како прво дисклејмер за недоразбирањата на твитер – јас не мислам дека луѓето во било која професија се попродуктивни или можат да завршат подобра работа ако го работат тоа без пари. Тоа е едноставно противречно со егситенцијалните проблеми и потреби кои се појавуваат. Ако мене ми е мерак да програмирам, и го работам тоа без пари, за да јадам ќе морам да работам тогаш нешто друго, што ќе ми одзема време и енергија за да го работам тоа што го сакам. Иако цврсто верувам во слободниот софтвер, ми кркори стомакот и ми се врти кога сум гладна. Добро, не верувам во собирањето пари само за да се собира пари или да се купи ташна од Луј Витон ама тоа е друга приказна. Така да, да расчистиме: ни требаат пари за да го истуркаме секој ден и секако нема ништо подобро од тоа да го работиме тоа што го сакаме и да бидеме добро платени за тоа!

Иако целиот проблем почна од мојата серија твитови 1, 2, 3, 4, 5, сите се фатија за тоа дека ми се сомнителни активистите кои работат за многу пари и дека не е тоа за мене.

А како да не ми биде сомнително?

I. Пари

Тука морам уште еден дисклејмер – зборот „активист“ има широка употреба. За активисти се сметаат и луѓето кои работат во невладините кои се занимаваат со овозможување прибежишта на жени жртви на семејно насилство и сл., луѓе кои им овозможуваат инфраструктура на младите и ги поддржуваат во акциите, кои градат еден мост на сериозно прикажување на тоа што се случува во младиот свет како Мофовци, одликувани луѓе кои се занимаваат со апсурдни каузи без цел и сл. (види мал пример). Не ми текнува на сите можни варијанти за да ги опфатам. Заклучок: не мислам на луѓето кои не се кријат под маската на некаква радикалност и спонтаност, туку си ја работат работата за која се платени како што треба, и претставуваат алтернатива на високата политика, односно се слојот измеѓу граѓаните и високата политика, официјализирани и без можност за погрешен впечаток. Ни требаат луѓе кои секојдневно ќе се посветуваат на згрижување и директно помагање на маргинализираните групи, а тие луѓе мораат да јадат и да не се навраќам пак на почетокот.

Тоа во што не верувам е активизмот кој по недела дена на улица веднаш креира формална структура со жиро сметка, вика гласно и бунтовно а од тоа живее. Извини, ако ти живееш од постоењето на некој проблем, како ти е во прилог да се реши? И на кој тоа му го продаваш својот став, кој става цена на твојата мисла?

Не верувам во професионалниот активизам како што не верувам во суперхерои. Зошто некој би ме плаќал да го спасувам и да ја водам неговата битка, каква способност имам повеќе од него? Не сум од тие што мислат дека сите околу нив се „сељаци“, „шутраци“ и слично, а ако така мислиш, за кого ја водиш борбата? Или сакаш да се спасиш само себе? Разбирам јас како се креира тоа чувство на надмоќ. Мислите, овие седат дома, немаат мислење, немаат идеја, не знаат кај се, ќутат. Додека јас се борам 24/7 надвор за нив. „Шутраци„. А не помислуваш дека може не можат да го стигнат твоето темпо заради тоа што зимаш 1000 евра за да кажеш „Ова не чини!“ додека некој зима 200 за 10 саати работа и му се спие кога ќе се врати дома.

Ако се професионализира бунтувањето, никогаш нема да се излезе од мрачните дупки на апатијата. Ако ги спасиш еднаш, а не си ги наичил да се борат за себе, што си направил тогаш? Да не го давам најстариот пример, но дај му на човекот риба ќе е сите еден ден, научи го да лови ќе биде сит цел живот. А ако ти заработуваш од тоа да му даваш риба, како ти одговара да го научиш да лови? Или може некоја друга тезга за бунтување ќе се фати.

Не верувам ни во комитетчиња, агенции, организации и слични кои вадат извештаи, даваат изјави за телевизија и вртат кругчиња околу Скопје, киснат на телефон со Европа и мелат. И зимаат многу пари. Кога последен пат научиле некој да се бори за себе?

И на крај, апсолутно немав цел со твитот, уште ми стоеше во глава тоа дека ако некој ме плаќаше да асимилирам народ колку бедно ќе се осеќав што интегритетот ќе мораше во денари да го мерам. Не ја разбирам паниката.

II. Хиреархија

Ова е за презентацијата, во 10те минути кои ги испочитував на Engage немаше време за да објаснувам надолго за ова.
Се работи за тоа дека објаснував зошто ми се допаѓаат толку акциите организирани преку социјалните мрежи, и дека тоа е заради тоа што членуваат најразлични луѓе, кои природно си го наоѓаат местото во тимот и дека лидерската позиција се менува заевисно од моментот. Што е апсолутно ослободувачки и не дозволува да се корумпира движењето какво и да е.

Тука додадов дека хиреархијата не е потребна или класичното централно делегирање на задачи.

Навикнати на хиерархисти структури околу нас, кои не се случајни, тешко е малку да замислиме структура која не подразбира хиерархија. Хиерархиските структури секако даваат најголем успех затоа што задачите му се јасни на секој што ја зголемува ефективноста и ефикасноста на извршеното и неретко целите се исполнуваат.

Сепак, недостатокот на хиерархија не подразбира и недостаток на структура. Структурата каде важноста на секоја индивидуа е еднаква и се одржува во зависност колку сака да се вложи себе си. Во овој случај граѓаните не следат некој – што гледаме колку е поразително со политичките партии – туку следат идеја.

На почетокот на појавата на едно движење верувам дека нема потреба ни од структура, работите едноставно се случуваат. Сепак структурата е потребна кога веќе имаме јасни цели и ни е потребна за континуитет и одржување на задачите кои ултимативно ќе водат до остварување на целта.

Да не почнувам да звучам како досаден учебник по некој економски предмет: Само со поттикнување на луѓето сами да размислуваат за себе, и не нивно ставање во нов ситем туку охрабрување да креираат сопствени структури за делување може да дојде до вистинска промена, која ќе се почувствува.

Лутете ми се колку сакате јас не мислам ништо лошо, ни покажувам со прст.
Нова сум во ова, дајбоже да грешам.

6 thoughts on “Човековите права и слободи не треба да се тезга

  1. Драга Тамара,

    Ме заинтригира нешто што го кажа за време на твојата презентација, а е во контекстот на дискусијата за хиерархија но поврзано со протестите против полициската бруталност. А тоа е дека со формирањето на координативните тела (работни – или како и да беа нарекувани) енергијата на движењето спласна, односно движењето на тој начин се лиши од многу вредни идеи бидејќи се редуцираше на мала група на луѓе. Некогаш (цинично – за жал) за тие луѓе мислам како за самопрогласени лидери, водачи на едно движење во коешто СИТЕ вложивме многу време и многу душа. Но знам дека тоа не е така. Едноставно по автоматизам, како што сме НАУЧЕНИ, се настојуваше да се централизира и формализира движењето. Во целиот тој хаос на луѓе и мотивации, на пример ниеднаш не добив маил за состанок иако постојано се запишував во групата која требаше да работи на барањата до институциите, иако уште првите денови со моите пријатели (политиколози) имавме подготвено конкретни предлог – барања и предлог – акционен план (зошто едноставно ги познаваме инсититуциите и процедурите) кој го дадовме на луѓето што беа во тоа координативно тело (за да допринесеме спред можностите), но не го прифатија, или зошто не не познаваа или зошто им стана многу удобно да бидат decision makers. Тоа секако не ме демотивираше да доаѓам СЕКОЈ ДЕН на протестите. Важно е човек да допринесе кон борбата против репресијата, па макар само со своето присуство.

    Сметам дека се додека некое движењето е инклузивно, спонатно и отворено енергијата во него ќе се одржува. Хиерархијата е голем непријател на креативноста. Хиерархијата го свртува движењето кон неколку луѓе и со тоа го оддалечува од ИДЕИТЕ.

    Немам план да ти го освојам блогот. :))) Толку.
    Поздрав

    • Значи си ја чула целата презентација🙂. Се согласувам со тебе и уште на денот кога се направија координативните тела знаев дека ќе загубиме многу. Сите некако сакаа да не турнат во структуирање порано отколку што бевме созреани.
      Но, исто така и сега ми е криво за стравот од тие денови, и неможноста да се разбереме меѓу себе и дека одлучувањето како група е глупаво: секој треба да ја има можноста да делува индивидуално и како мисли дека е најдобро без да мора да се консултира со некоја група, затоа што на тој начин, еве точно како што опиша, се демотивираат луѓето да одат до крај со своите идеи и да се изјаснат.
      Тоа беше од стравот дека некој од надвор ќе дојде и ќе расипе, а не знаевме дека движење најлесно се тресе од внатре.

  2. Мислам дека треба да размислиш и да го анализираш и спротивното: токму недостатокот на добра хиерархија го спласнува секое движење.
    Идеите за анархично, безредно и „сите одлучуваме заедно“ се добри, ако во групата *сите* се еднакво активни и ангажирани. Ама не се.
    За секое движење со и малку позначаен број на учесници е нормално да се издвојат поактивни и попасивни членови. Не се сите тука за да бидат идеолози, организатори, и први на барикадите. Некои немаат толкава иницијатива, некои дошле зашто другарите ги викнале, а некои да шмекаат женски (и фраери).

    Затоа е потребна хиерархија — за да може да се задржи постигнатиот момент на движење напред, за да има јадро кое е доволно мотивирано да ги турка и инспирира останатите. Нема спас, тоа е.
    Значи, мора да има комитети, претседателства, контролни тела, благајници и записничари. Мора да има, инаку ќе останете без масовноста, а тоа е силата на секое движење — доволен број на луѓе кои се залагаат за иста цел, кои — кога ќе излезат на улица — од околината, а уште поважно, од оние против кои се протестира, ќе бидат проценети како сила која мора да се земе предвид.

    Што се однесува до „професионалните бунтувачи“, никој не ги сака, секако. Но, без пари не може да се опстане. Ако се правилно усмерени и добро потрошени, финансиските средства можат да сторат многу и да помогнат движењето да се засили.
    Не треба да се потпаѓа под пропагандата дека сите организации кои имаат надворешно финансирање се „платеници“ или „си ги трошат парите за себе“ (за што? музика, кафана, брзи коли и лесни жени?).

    Замисли да ти понудат да одиш во, на пример, Европскиот Парламент, и таму да го искажеш своето мислење! И сеа? Како без пари? Ќе прифатиш финансирање?
    Или, замисли да можеш да закупиш во медиумите простор за пропагирање на движењето? Пак требаат пари!
    Еве уште еден пример за крај: замисли да не треба да се грижиш за дневно заработување за живот, и целата да се посветиш на движењето. Да организираш трибини, протести, каравани во други градови, да имаш пропаганден материјал, да повикаш гости од други земји, добри говорници…
    Веднаш ќе почнеш да составуваш буџет!
    Ама, тогаш некој друг ќе те прогласи за „професионален активист“! иди докажи дека твоите намери се искрени и дека парите ги трошиш на најскромен и најефикасен начин, а ти живееш практично на вода и леб…

    И премногу идеализам не е добар!

    За крај, да кажам дека го ценам она што се обидуваш да го правиш, секоја чест… Младите како тебе се иднината на демократијата кај нас.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s