06.06. – една година протести против полициска бруталност

текстот превземен од protestira.me

На 06.06.2012 поминува точно една година од кога е сликана фотографијата погоре, од денот кога грст луѓе излегоа да бараат правда за Даниел. Како се развиваше случајот понатаму на сите ни е познато, од длабочините каде системот сакаше да ја закопа својата грешка граѓанскиот глас ја извади и побара правда.

Во текот на тие повеќе од 30 дена бројката на граѓаните кои излегоа да го искажат своето незадоволство е тешко да се каже, голема е, и секој еден од нив и со своето неколку минутно присутво помогна во барањето на таа правда. Секој кој нацртал транспарент, направил гужва, свирнал, дебатирал на Мајка Тереза, седел на раскрсница, пеел, делел флаери на случајните минувачи, секој кој почувствувал дека вакво нешто не смее да се повтори, на сите тие им припаѓа овој ден, па дури и на оние кои од дома навиваа, на оние кои не веруваа, на сите граѓани на Република Македонија.

Луѓето кои излегоа на 06.06 немаа лице, немаа име, немаа цел. Имаа само прашања и неколку сведоци на нивна страна. „Кој го уби Даниел?“, „Кого штитите?“ итн. беа прашањата поставувани тој ден.

Жртвите на полициската бруталност се жртви на системот, жртви на некој кој ја злоупотребил својата апсолутна моќ во моментот – жртви кои не смеат да се случуваат. Жртви кои го засегаат секој од нас, затоа што делче од нашата плата месечно го плаќа оној кој убива. Жртво кои го засегаат секој од нас затоа што не знаеме што носи иднината – можеби ние ќе се најдеме во ситуација на милост и немилост и ќе станеме жртва. Жртви кои го засегаат секој од нас, затоа што ако се случува истрениран член на полициска единица да убие момче пред толку сведоци затоа што било потпијането и сакало да се качи на бина, нашето општество не е здраво. Должност ни е да побараме тоа да се поправи.

По цела измината година и многу работи направени нема соодветен одговор на ова прашање од надлежните , нема превземени соодветни превентивни мерки и законски измени кои би гарантирале иднина без вакви инциденти.

Она што имаме после една година е игнорирање на потребата за реформи во полицијата и нејзиното внатрешно работење, и покрај сите надворешни извештаи кои укажуваат на тоа, и покрај годинешниот извештај на Народниот Првобранител кој наоѓа грешки во полициското работење, покрај сите анализи, докази, поплаки од граѓани, и покрај дефинитивниот доказ дека ваквите случаи не се инцидентни.

Затоа, 06.06 е ден кога симболично можеме да се навратиме на она што го правевме минатото лето – ден кога можеме да потсетиме дека иако борбата ги надраснала улиците и гневот се смирил ние сеуште сме тука и сеуште нашите барања не се одговорени.

Овој ден ни припаѓа на сите нас. Заедно да одлучиме како ќе го одбележиме.

Неколку прашања кои можеби би ни помогнале во таа насока:

1. Дали сте за протестен марш?
2. Мислите ли дека протестна свирка(концерт) по маршот е добра идеја?
3. Како мислите дека би требало да изгледа тој протестен марш?
4. Дали уметничките перформанси како иронично претставување на случките како „Гоца денс“ или „Ивица во Марица“ , или пак драмска реконструкција на убиството кое беше повод за ланските протести?

И за крај, нешто кое го зборувавме и лани но кое како никогаш да не се сфати доволно добро – протестите против полициската бруталност беа поттикнати од еден несреќен случај но беа наменети за сите претходни и сите идни такви случувања – немаа за цел да ја извојуваат правдата за еден случај туку да донесат малку правда за сите кои некогаш биле повредени на ист начин. Затоа, мислите ли дека 06.06 треба да пресасне во ден на изразување на граѓанската свест? Ден кој би бил симбол на изразување на граѓанскиот глас и волја.

Да не дозволиме уште едно семејство да биде уништено од системот кој треба да е тука за да го подобри квалитетот на нашите животи, а не да ги одзема истите. Да не дозволиме, затоа што тоа е во наша моќ, и ние можеме.

Advertisements

Системски се работи да дегенерираш како граѓанин – ќе дозволиш ли?

Ние сме затворени тука прилично. Во маалото, во градот. Не дека буквално ни се затворени границите туку едноставно немаме пари да излеземе од нив. Ние постоиме, имаме одреден политички систем, имаме одредена ситуација и имаме одредена власт. Ние коегзистираме со светот но сме прилично изолирани.

Зошто е тоа важно? Како земја излезена од одреден сосема затворен политички систем за чии жртви отворивме музеј пред некое време, систем каде граѓанското организирање и учество било сведено на минимум и се одвивало сосема партиски, секогаш водејќи се од вредностите на единствената партија, ние сме буквално неписмени како тоа треба да изгледа и што тоа всушност значи. Бидејќи сме во константно тензична/кризна/бедна ситуација ние не можеме да прошетаме и да видиме како тоа другите системи функционираат и како граѓаните си го нашле своето место под сонцето.

Многу ми е смешна онаа изјавата дека некој не донел до оваа ситуација, па сега некој пробува да не извади :). Можеби е тоа најсмешната изјава која постојано се вергла (а сте ја чуле од телевизор :)). Еј, сограѓани, тоа никој не не донел, или никој не пробува да не извади. На секоја власт и одговара вакават ситуација, таа постојано се рекреира на различни начини. На секоја власт и одговара да сте бедни, уморни навечер и да имате сила уште да погледнете синхронизирана турска серија. Затоа не се крева стандардот кој ќе ви даде достоинствено слободно време. Затоа се прават два чекори напред, два назад. Тоа е нормално. Тоа сите го прават. И тоа не само нашиве, туку насекаде во светот. Барем тие од другите земји се трудат да го прават а колку успеваат е поврзано со нашава приказна.

Јас сепак му се обраќам на интернетот за жал, кој во поголемиот дел е свесен за овие работи. Немам канал да им се обратам на другите. И тоа е намерно така, немајте гајле.

Колку што можам да забележам од моето скромно искуство со граѓански активизам, учеството во неколку акции во кои буквално сум знаела кој што јаде, кој што пие и од кај го купил, можам слободно за забележам дека во нашата држава системски се работи на денерацијата на граѓаните како свесни и активни единки. Потточно се работи за системски напад со цел елиминација на непартиското здружување во целост, ама буквално во целост. Не знам дали морам да ви објаснувам колку тоа е погубно за целиот напредок на нашата држава и колку убивањето на индивидуалноста, противречењето на глупостите и неправдите и сите елементи на отпор кон нешто што мислиме дека не е во ред, колку тоа ќе стопира одење нагоре. Не да нема да мрднеме, ама ќе одиме надоле.

Како тоа го прават? Во стилот на жолт печат каков што продуцира Зоран Божиновски, или било кој шпекулативен печат. Некои случајни скенирани документи, некое кругче, што се вика, тие што ги плаќаат си читале од книгата која треба. Ама тоа го прават на буквално се што не е организирано од нив. Се. Буквално ја тренираат јавноста да сомничи во секој израз на добрина, во секој израз на здрав разум или кренат глас. Ја тренираат да сомничи во се што гледа додека не се изгуби и фрустрира и да почне само да чека официјални известувања. Е тогаш сте нивни. Ве фатиле.

Со тоа што се растура секој обид на здружување се сопира делењето идеи, креирањето иницијативи кои се спротивни на нивните цели. Дали имаме студентски центар, дали ни функционираат студентските сојузи, дали имаме спонзорирано од државата креирање политички ориентирани собиранки (не партиски, политички), дебати, трибини, разговори и слично? Не. Дали имаме барем една огранизација од граѓанскиот сектор која не е исплукана или барем да се има случено обид за тоа? (Приказната дека сите се против Македонија е за мали деца, лошите се тука не јадат и слично.) Не. Дали имате било каков канал за политички да делувате на прашање кое ви е важно, некој начин да ве слушнат а да не оди преку партија? Не.

За крај, ако ве проголтала медиумската пропаганда во послениве неколку години вие мислите:

1. Дека ѓаволот постои и тоа е граѓанскиот сектор, или за полесно ви го обасјнуваат целиот со едно име Сорос.
2. Дека СДСМ е семоќна, заедно со нејзиниот лидер, имаат толку многу ангажирани и млади луѓе кои константно смислуваат разни акции и дека константно ја дестабилизираат цела држава, но дека ВМРО го има мечот на вистината и целата таа моќ која ја тресе оваа држава не може против него.
3. Дека праат што прават, барем градат. Кај го слушнавте тоа? Тоа е онакво типично пуштање муабет. Лева рака – десен џеб полесно е кога ти мафтаат со златен коњ пред очите.
4. Дека единствен легитимен начин за да изразите политичка волја е гласањето на избори и партиското вклучување. Не луѓе не. Тоа е толку погрешно што не знам од кај да почнам.
5. Дека сите странци ни мислат лошо, ние сме под постојан напад, златни сме и вечни и сите сакаат да не крадат. Не. Тоа е само начин да ви наметнат идентитет на сметка на времето кое ви го одземаат од животот во работа за да си створите свој. Што е друго национализмот освен параноја?
6. Дека полоши од ѓаволот се само Албанците и тие идат да ве убијат. (Не ме сфаќајте погрешно – и на нив им ја сервираат истата пропаганда за нас – кучиња во борба знаете како иде тоа? Е па така).
7. до n. – мислам дека можам засекогаш. пишете ми во кометари нешто ако има да додадеме на листа 🙂

Затоа не дозволувај да те лоботомизираат!
Затоа што да прашуваш значи да си жив.
Затоа што да се сомневаш значи дека сакаш да разбереш.
Затоа што само ако делуваш животот е во твои раце.

Колку се здрави темелите на нашето општество?

Првично објавена на РСЕ

Колку се здрави темелите на нашето општество?

Колку и да ги крпиме видливите последици на болеста, колку и да се трудиме ако не ја направиме точната дијагноза, пациентот нема да преживее. И се повеќе и повеќе делови од него ќе се разболуваат. Нели, се е систем, се е поврзано.

Деновиве се соочуваме со проблеми страшни за секој – со закани нималку наивни, со столбови кои се нишаат под нашите нозе. Носечкиот столб, мирот се клати најсилно. Знаеме ли зошто? Знаеме ли навистина?

Нормално е како луѓе да сме малку кратковиди, нормално е да забораваме. Нормално е и да паничиме во ситуации кои не ни се јасни, а се чувствуваме загрозени. Нормално е затоа што секој ден активно го живееме својот живот, да ни е тешко да излеземе и да го видиме текот на настаните отстрана. Да видиме каде се почнало.

Од каде таа омраза? Од каде тој бес и незадоволство? Се пренесува ли од колено на колено? Го има ли во воздухот?

Ги мразиме другите кои исто како нас живеат на социјално. Ги мразиме другите на кои им е исто скапо на пазар како и на нас. Ги мразиме другите кои исто имаат деца за кои го живеат животот. Ги мразиме другите со кои делиме беда. Ги мразиме другите со кои делиме радост.

Зар може нечие непостоење да придонесе за условите во кои ние живееме да се подобрат? А условите, какви се? Колку од твоите секојдневни грижи, колку од твоите скришни солзи и гризење усни се поради зулимите на „оние“ од другата националност?

Со постојаното кружење во вртлогот на стравот и тензијата, ние борејќи се со невидливиот пријател како закана ја пропуштаме можноста да работиме на за нас суштинските проблеми, граѓанските. Секој ден ни презентираат терор и омраза на медиумите кои треба да ја отсликуваат атмосферата во која живееме, не ставаат во средината на етничкиот кофликт додека околу нас продолжува граѓанскиот живот да се одвива без нас: секојдневно се донесуваат закони, се трошат наши пари, се потпишуваат договори се редизајнира нашето минато за поверодостојно да ја отсликува замислената иднина. Ние, стоиме, мразиме, се плашиме.

Пред да опцуете и изговорите зборови чија тежина е многу, многу поголема од што изгледа, размислете дали на некој како вас, кој во моментов чита и седи на столче како вашето и го чекаат дома деца како вашите, му одговара крв на улиците. Ако не му одговоара, тогаш кој профитира од затегнати односи? Обичниот човек сигурно не.