Системски се работи да дегенерираш како граѓанин – ќе дозволиш ли?

Ние сме затворени тука прилично. Во маалото, во градот. Не дека буквално ни се затворени границите туку едноставно немаме пари да излеземе од нив. Ние постоиме, имаме одреден политички систем, имаме одредена ситуација и имаме одредена власт. Ние коегзистираме со светот но сме прилично изолирани.

Зошто е тоа важно? Како земја излезена од одреден сосема затворен политички систем за чии жртви отворивме музеј пред некое време, систем каде граѓанското организирање и учество било сведено на минимум и се одвивало сосема партиски, секогаш водејќи се од вредностите на единствената партија, ние сме буквално неписмени како тоа треба да изгледа и што тоа всушност значи. Бидејќи сме во константно тензична/кризна/бедна ситуација ние не можеме да прошетаме и да видиме како тоа другите системи функционираат и како граѓаните си го нашле своето место под сонцето.

Многу ми е смешна онаа изјавата дека некој не донел до оваа ситуација, па сега некој пробува да не извади🙂. Можеби е тоа најсмешната изјава која постојано се вергла (а сте ја чуле од телевизор :)). Еј, сограѓани, тоа никој не не донел, или никој не пробува да не извади. На секоја власт и одговара вакават ситуација, таа постојано се рекреира на различни начини. На секоја власт и одговара да сте бедни, уморни навечер и да имате сила уште да погледнете синхронизирана турска серија. Затоа не се крева стандардот кој ќе ви даде достоинствено слободно време. Затоа се прават два чекори напред, два назад. Тоа е нормално. Тоа сите го прават. И тоа не само нашиве, туку насекаде во светот. Барем тие од другите земји се трудат да го прават а колку успеваат е поврзано со нашава приказна.

Јас сепак му се обраќам на интернетот за жал, кој во поголемиот дел е свесен за овие работи. Немам канал да им се обратам на другите. И тоа е намерно така, немајте гајле.

Колку што можам да забележам од моето скромно искуство со граѓански активизам, учеството во неколку акции во кои буквално сум знаела кој што јаде, кој што пие и од кај го купил, можам слободно за забележам дека во нашата држава системски се работи на денерацијата на граѓаните како свесни и активни единки. Потточно се работи за системски напад со цел елиминација на непартиското здружување во целост, ама буквално во целост. Не знам дали морам да ви објаснувам колку тоа е погубно за целиот напредок на нашата држава и колку убивањето на индивидуалноста, противречењето на глупостите и неправдите и сите елементи на отпор кон нешто што мислиме дека не е во ред, колку тоа ќе стопира одење нагоре. Не да нема да мрднеме, ама ќе одиме надоле.

Како тоа го прават? Во стилот на жолт печат каков што продуцира Зоран Божиновски, или било кој шпекулативен печат. Некои случајни скенирани документи, некое кругче, што се вика, тие што ги плаќаат си читале од книгата која треба. Ама тоа го прават на буквално се што не е организирано од нив. Се. Буквално ја тренираат јавноста да сомничи во секој израз на добрина, во секој израз на здрав разум или кренат глас. Ја тренираат да сомничи во се што гледа додека не се изгуби и фрустрира и да почне само да чека официјални известувања. Е тогаш сте нивни. Ве фатиле.

Со тоа што се растура секој обид на здружување се сопира делењето идеи, креирањето иницијативи кои се спротивни на нивните цели. Дали имаме студентски центар, дали ни функционираат студентските сојузи, дали имаме спонзорирано од државата креирање политички ориентирани собиранки (не партиски, политички), дебати, трибини, разговори и слично? Не. Дали имаме барем една огранизација од граѓанскиот сектор која не е исплукана или барем да се има случено обид за тоа? (Приказната дека сите се против Македонија е за мали деца, лошите се тука не јадат и слично.) Не. Дали имате било каков канал за политички да делувате на прашање кое ви е важно, некој начин да ве слушнат а да не оди преку партија? Не.

За крај, ако ве проголтала медиумската пропаганда во послениве неколку години вие мислите:

1. Дека ѓаволот постои и тоа е граѓанскиот сектор, или за полесно ви го обасјнуваат целиот со едно име Сорос.
2. Дека СДСМ е семоќна, заедно со нејзиниот лидер, имаат толку многу ангажирани и млади луѓе кои константно смислуваат разни акции и дека константно ја дестабилизираат цела држава, но дека ВМРО го има мечот на вистината и целата таа моќ која ја тресе оваа држава не може против него.
3. Дека праат што прават, барем градат. Кај го слушнавте тоа? Тоа е онакво типично пуштање муабет. Лева рака – десен џеб полесно е кога ти мафтаат со златен коњ пред очите.
4. Дека единствен легитимен начин за да изразите политичка волја е гласањето на избори и партиското вклучување. Не луѓе не. Тоа е толку погрешно што не знам од кај да почнам.
5. Дека сите странци ни мислат лошо, ние сме под постојан напад, златни сме и вечни и сите сакаат да не крадат. Не. Тоа е само начин да ви наметнат идентитет на сметка на времето кое ви го одземаат од животот во работа за да си створите свој. Што е друго национализмот освен параноја?
6. Дека полоши од ѓаволот се само Албанците и тие идат да ве убијат. (Не ме сфаќајте погрешно – и на нив им ја сервираат истата пропаганда за нас – кучиња во борба знаете како иде тоа? Е па така).
7. до n. – мислам дека можам засекогаш. пишете ми во кометари нешто ако има да додадеме на листа🙂

Затоа не дозволувај да те лоботомизираат!
Затоа што да прашуваш значи да си жив.
Затоа што да се сомневаш значи дека сакаш да разбереш.
Затоа што само ако делуваш животот е во твои раце.

12 thoughts on “Системски се работи да дегенерираш како граѓанин – ќе дозволиш ли?

  1. Бледо и неубедливо напишано мала, од другарски тапкања по рамо за генијалноста на постот не добиваш ништо.

    Реална критика те носи ниво погоре и погоре, а ова е толку бледо и без реална поента напишано да просто не може да стигнеш до ниеден мозок, освен до оние кои веќе те тапшаат по рамо уште и пред да ги напишеш реченициве, но тие веќе се на твоја линија, така да добивката е нула.

  2. Кој и да стои позади овој напис, имам само пофални зборови! Потребни се повеќе вакви луѓе кои очигледно се будни меѓу масата што спие. Продолжете вака, се надевам ваквите написи ќе допрат до поголем број луѓе. СВЕСТЕТЕ СЕ СИТЕ! Не ли гледате дека некој сака да не расцепка и да не групира, да не обои партиски, да не подели по религии, да не сврти едни против други. Освести се народе Македонски!!

    • (не е до Александар коментаров )Тамара еве типичен коментар за тапшање и празни флоскулни реченици на поддршка, тапшање и слично. Што кажува ваков коментар, треба анализа?! Е за ова зборев мала(онака без потценување ова мал е кажано🙂 )

  3. А ти би сакала ли да ги аргументираш тие 6-7 точки што ги имаш наведено во постот.
    Еве јас ќе ти понудам мои аргументи.

    1. Како сакаш наречи го(ѓавол, пета колона, кодоши на сопствената татковина…ју нејм ит)друштвото кое си купува млеко, леб и плаќа сметки од парите на чичко Сорос е најголем непријател на граѓанскиот сектор во Македонија. Никој не може да ме убеди во спротивното. И тоа од повеќе причини. И да речеме дека се некаков дел од граѓанскиот сектор(дека не се инсталација на СДСМ), се што работат во Македонија се покажало дека е против интересите на Македонците. Дали знаеш еден ивент, една работа која ја направиле а да е од општ интерес? Јас знам многу работи кои ги направиле, а се од интерес на СДСМ(а тоа нели не е општ интерес, туку партиски), или уште полошо од интерес на непријателите на Македонија. Значи…не само што се непријател на граѓанскиот сектор, туку и на интересите на Македонија. Затоа секој кој искрено се обидува да направи нешто добро за себе и за нацијата, за граѓаните треба јасно и недвосмислено да се одалечи и огради од сите тие поединци или групи блиски од Отвореното ни општество(кое патем случајно го води човек кој долго беше во претседателство на СДСМ).

    2.Не е СДСМ толку моќна, туку ВМРО е толку неснаодлива кога се работи за ПР и медиуми. И не се работи за “толку многу ангажирани млади луѓе”, се работи за една група од стотина можеби малку повеќе добро инструирани и добро платени млади луѓе кои ја туркаат политичката агенда на СДСМ. Да се разбереме…не е забрането. И треба…тоа им е по дифолт работа на партиите. Знаеш каде е проблемот? Јас како граѓанин сакам да видам кога е во прашање револт и протест заради нешто, некоја политичка одлука или настан, да видам дали граѓаните се навистина незадоволни од настанот. Сакам да знам дека граѓаните не ја прифаќаат таквата политика на власта. Не ме интересира што стотина платеници на СДСМ не се задоволни од политиката на Владата или од конкретниот настан, тие и треба да се незадоволни. Што е со граѓаните, кои се партиски не определени ? Мајка ми која има 79 години и која не е многу упатена во овие случувања, седи пред телевизорот и вели…Синко, овие луѓе се бунат против владата, мора нешто да е лошо во прашање штом се бунат? И така секој десетина дена слични ситуации или протести. И? Мајка ми е гласач. Што мислиш како ќе гласа на следните избори? Прости што вака пластично се обидувам да објаснам, мислам дека е најразбирливо за сите. Значи јас како гласач сакам да го видам општото мислење на граѓаните по некое прашање, а не мислењето на СДСМ. Тоа веќе го знам.

    3. Да…за разлика од СДСМ, оваа власт остава траги на своето владеење. Сега ќе рече некој, се нема пари, да не се градат споменици или огради на мостови, туку да се градат болници и училишта. Е па во тоа е разликата. Сега, за разлика од пред десетина години се плаќаат даноци и редовно се полни буџетот. Оваа власт покажа дека има доволно пари во буџетот и за болници и училишта (барем реновирање и нова опрема) игралишта и улици. Нели, знаеме дека Владата не може да отвара фабрики и работни места. За разлика од сегашната ситуација, дали ќе можеш да се сетиш на нешто, било што изградено пред десетина или петнаесет години? Дали имаш представа како се трошеше буџетот тогаш?

    Инаку…за тоа “лева рака-десен џеб”, верувам знаеш дека треба да се има докази или слично. Инаку се без докази би било клевета (која нели опозицијата сака да ја декриминализира, се знае зошто) и “рекла-казала” да искористам адекватен термин на “лева рака-десен џеб”. И во контекст на градењето…дали некој навистина мисли дека е лошо да се гради? Дали некој мисли дека никаде во цивилизираниот свет не се гради? Се гради и се градело. Е сега…тоа што во нашите 50 години како дел од бившата држава и првите петнаесетина од независноста ништо не се градело освен вили и палати за владејачките структури, тоа е друга работа. Но тоа тебе не ти пречи нели? Тоа било поминало, и сега да не ги вознемируваме луѓето кои се “офајдиле” и тоа многу, од својата политичка припадност и активност со некакви си таму не битни лустрации…Ма ајде ти се молам…И како тоа не гледам граѓанскиот сектор да реагира на ова? Од општ интерес е(и препорака од ЕУ) да се откријат луѓето кои имале “финансиска корист или напредување во кариерата заради кодошење”. Но тоа е друга тема…

    Значи во Лондон, Њу Јорк или Братислава…секаде градските власт се обидуваат да го средат, да го разубават градот. Не ги даваат парите од буџетот место за улици или мостови на сиромашните или невработените. За таа намена има други пари, и кај нас службите задолжени за тоа си ја работат својата работа. Но се разбира дека на опозицијата ова не и одговара, не смее да се остави простор власта да поентира и затоа сега ќе ги ангажира “дечките” кои нели се “независни интелектуалци и граѓански сектор”(плус невработени) да направат едена фина иницијатива и “акциичка” на мостот. И се разбира дека сите медиуми, кои нели “не се слободни и независни и се под притисок на власта” ќе известуваат од ивентот. И се разбира дека мајка ми и многу други обични граѓани кои нели се и гласачи ќе го видат сето тоа и се знае после толку перење на мозок како ќе гласаат на следните избори. Гледаш колку е едноставно.

    4. Со оглед на фактичката ситуација во нашиот граѓански сектор (образложено погоре-види точка1) оваа твоја констатација е во целост точна. Не значи дека јас се сложувам со тоа, но едноставно, кај нас партиите(посебно опозицијата) го узурпираат целиот простор за граѓанско делување. И се разбира дека изборите се легитимен начин да се изрази политичката воља на граѓаните. Тоа што некој е многу нестрплив и сака секоја година да се има избори, само за да освои власт по секоја цена, тоа е сосема друга приказна. Само непотребни трошоци за буџетот. И секако, повторно доказ дека сите обиди со помош на лажниот граѓански сектор(кои ги посочив погоре), да се добие наклоност на граѓаните се попусти. Не знам само кога опозицијата ќе го свати ова и ќе почне да нуди реални решенија за проблемите на граѓаните и да понуди способни и не копромитирани луѓе кои ќе знаат да ги спроведат тие решенија.

    5. Нормално дека не се сите странци лоши и дека не ни мислат лошо. Посебно оние кои си ја гледаат својата работа и си седат дома во Бирмингем, Минхен или Стразбур, а не се обидуваат да се однесуваат кон нас како кон малоумни. Нормално дека ние сме (сосем спротивно од мислењето кое го има поголемиот дел од странците) доволно умни да сватиме кој какви намери има кон нас. Но сепак не сите Македонци се такви. Има многу наши сонародници кои не сакаат лошо да зборува за својот газда, кој нели го потпишува чекот со платата. Никој не сака да си ја сече гранката на која седи.

    Е гледаш…среќа што поголемиот број Македонци не решиле да им седнат в скут на белосветските фолиранти кои Македонија ја гледаат како нива за обработка или како добра “тезга” за да си го зголемат домашниот буџет и да обезбедат пари за школување на децата. Не. Сакањето на своето повеќе од туѓото, бранењето на независноста и желбата да се биде свој на своето не е национализам, тоа се вика патриотизам. И тоа го има и во Германија и во Италија и во Словенија. Очигледно е дека не можеме да се ослободиме од нашето проклетство кое не следи низ векови да имаме Македончиња кои попрво би биле вазали, слуги и полтрончиња на секој што ќе сака да плати за тоа, отколку да им крчат цревата или да живеат поскромно, ама како луѓе. Но за среќа, нивниот број се намалува, и ќе преживееме и со таквите.

    6. Оваа точка не сакам многу да ја коментирам. Само ќе кажам дека секогаш кога меѓунационалните односи се во прашање, таканаречениот граѓански сектор никаде го нема. Затоа и е таканаречен, зошто се активира само по налог на опозицијата, на која нели не и одговара да се замери со Албанските партии. Нели, никогаш не можеш да знеш со кого ќе треба некогаш да се коалицира, па затоа е најдобро да не се “таласа” многу.

    И уште колку сакаш точки додај…на секоја ќе ти одговорам. Знаеш зошто? Затоа што јас мечот го гледам објективно, од трибини, од високо и така најубаво можам да видам кој како игра, кој е фер играч, кој игра подобро и заслужува да навивам за него. А ти сакаш да бидеш судија на истиот фудбалски меч меѓу Реал и Барцелона, а не ги знаеш правилата на фудбалската игра и дозволуваш гол од офсајд за едниот тим, а му судиш два црвени картони на другиот. Се навам дека бев доволно јасен.

    п.с Прости што бев малку долг во елаборацијата и овој одговор ќе го објавам и кај мене на блог.

      • Во секое време. Се надевам дека и тебе ти е појасно кој е тој што работи на дегенерирање на граѓанството.

    • Сакам да укажам на некои недоследности во Вашиот коментар.

      “Сакањето на своето повеќе од туѓото, бранењето на независноста и желбата да се биде свој на своето не е национализам, тоа се вика патриотизам.” А зар не е желба да се биде свој на своето, кога се изразува различно мислење, односно несогласување со на пример, начинот на уредување на центарот на главниот град? Баш поради патриотизмот треба да ја критикуваме власта и нашата држава и да бараме од неа повеќе, да пробам да го парафразирам Жижек (со чии ставови често не се согласувам, веднаш да ве предупредам).

      Колку повеќе се трудите да ме убедите дека ако не ми се допаѓа Скопје 2014 тогаш сум предавник, потешко ми е прифатам некој да очекува сите во државата исто да мислат.

      Или, еднаш тоа е патриотизам, а еднаш е предавништво. Ако изборите се непотребни трошоци за буџетот, а потребни трошоци се споменици и огради тогаш тоа кажува кои вредности се повредни за они кои се залагаат за тоа. За вас, кога се зборува за власта е потребно да се има докази за „лева рака- десен џеб“, а потоа без докази зборувате за нечија потплатеност.

      ВМРО неснаодлива за ПР и за медиуми? Можеби беше. Сега може да се каже дека е неснаодлива. Ако ништо друго затоа што троши многу повеќе пари за ПР и медиуми отколку било која претходна, а ефектот… не знам дали е пропорционален.

      Одговорот на граѓански здруженија блиски до СДСМ не се исти такви блиски до ВМРО. Одговорот е вистински граѓански здруженија. За мене патриотизам не е да барам „влада подобра од претходната“ туку влада која се грижи за никој од своите граѓани да не мора да биде „вазал, слуга и полтрон“ никому кој е спремен да го плати тоа..

      Мислам дека текстот е на добра трага. Да бидам конструктивен и да се надополнам, она што е потребно е повеќе социјален капитал. Социјален капитал никако не им фали на политичарите и тие на власт и во опозиција. Тие имаат мрежа на контакти и во нивната партија, но и во другите партии и во другите етнички групи, а и во странство. Таква им е природата на нивната работа.

      Меѓутоа токму социјалниот капитал е она што фали кај сите останати, да речам кај луѓето што не се дел од елитата. Не само што фали, туку и не се поттикнува стекнување на социјален капитал. Ма, не само што не се поттикнува, туку и се убедуваат луѓето дека не треба да градат врски со личности од другата партија, од другата етничка група, од другата држава… Инаку ќе бидат предавници. Или политичари.

      • Патриотизам?? …..”А зар не е желба да се биде свој на своето, кога се изразува различно мислење, односно несогласување со на пример, начинот на уредување на центарот на главниот град?”

        Да…се сложувам. Но….има едно но. Дали тој кој го уредува центарот на градот на легални и легитимни избори добил мандат од мнозинството граѓани да управува со нивните пари и меѓу другото да гради објекти? Голем дел од граѓаните на истите тие избори биле против политичката програма на оној кој сега го гради центарот на градот, но поголем број биле за. И сега..??? Граѓаните и треба да го изразат своето незадоволство со одредена активност. Нормално. А што да прават оние кои се задоволни со истата активност??? Илјада луѓе, илјада вкусови. Мене ми се допаѓаат спомениците. Треба ли да ме линчувате заради тоа?

        Проблемот е во мешањето на партиите и кај едните и кај другите граѓани и нивното изразување на вољата. Бесрамно се спинува и манипулира, се изнесуваат невистини, се манипулира со бројки и полу вистини. Се со цел да се оцрни активноста на политичкиот противник. Граѓаните, неутралните и политички неопределените би требало да се залагаат актуелната власт да поправи нешто од своите активности за кои смтетаат дека не се добри. Но опозицијата смета дека сите, сите активности не се добри. Кој е тој што ќе пресуди за едните или за другите. Граѓаните…и тоа на легални и легитимни избори кои секаде во светот се одржуваат на секои 4 години, само кај нас ако може на секои 1-2, зошто на некои господа од опозицијата не им се седи во опозиција. И само прават непотребни трошоци на буџетот со предвремени избори на секои две години. А никако да се потрудат да направат нешто позитивно, некоја промена во онесувањето кон своите граѓани. Никако да сватат дека со узурпација на невладиниот сектор не се победува на избори, туку со добра понуда кон гласачите.

        Во Македонија долго на избори се гласаше против некоја партија…последните неколку циклуса ни покажаа дека сега се гласа за некоја партија. Затоа обидите на опозицијата на секој можен начин да се оцрни власта и тоа најмногу преку невладиниот сектор(нели да се покаже дека граѓаните се незадоволни) се без ефект. Треба еднаш да сватат дека треба да се работи на понуда на квалитетни кадровски и политички решенија, а не само на плукање по власта и нејзините решенија. Но…според најавите од вчера за некаква кампања на протести по градовите низ државава организирани од СДСМ, гледам дека тоа скоро нема да се случи. За жал.

  4. Те следам од пред некое време и ми се допаѓа твојот ентузијазам. Но, очигледно си млада (не знам колку години имаш), па премногу емотивно влегуваш во анализите оправдано револтирано од ситуацијата во нашето општество. Мислам дека сеуште недоволно ја познаваш политката (која мора да ја познаваш да се бавиш со ваква работа) сакам да ти посочам неколку работи. Добронамерно се разбира.

    1. Граѓанискиот сектор, како и сите други организации кои дејствуваат во полето меѓу граѓаните и институциите од системот (партиите,власта) во сите земји често се дискредитирани од полтичките партии. Тоа е нормално, бидејќи тие имаат пристап до каналите за информирање а со тоа и влијание на јавното мслење. Власта(сегашната но и секоја идна), ги брани своите политики и ставови додека опозицијата и сите останати организации ги бранат и комуницираат сопствените. Оттаму, тоа е природен конфликт кој ти како граѓански активист мора да го разбереш. Не зборувам за методите и тактиките, зборувам за природата на односите. Ако го разбереш така, ќе ти се намали гневот и ќе можеш порационално да дејствуваш што води секогаш до подобри резултати.

    2. Граѓанскиот сектор во Македонија сноси многу одговорност за ситуацијата во која се наоѓа. Невладини организации се отвараа на големо за потребите на лични бизнис интереси или други политички интереси и заради тоа имиџот на овие организации во јавнота е многу лош. За ова пред се се виновни партиите, кои перманентно работат на дисквалификација на НВО но и самите организации кои дозволиле да скршнат од нивната основна цел и да работат за лични и политички интереси.

    За и ова да не те нервира мора да го разбереше следното. Македонија е многу сиромашна земја, каде секоја можност за заработка одма се користи и оттаму моралот и вредностите се на ниско ниво. НВО секторот е слаб во сите земји со слична економска и социјална структура како нашата и оттаму, дури и да не постои проапгандата на власта против овие здруженија, малку е веројатно дека истите ќе се доведат до фаза на висок развој. Нивото на развој на НВО секторот е дирекно поврзан со квалитетот на животот и економската состојба на граѓаните. Провери анализи ако не веруваш.

    3. Имај на ум дека секоја твоја искрена акција ќе биде препознаена од страна на граѓаните. Неискреното дејствување на некои поединци и организации покрај силната пропаганда придонело до ова. Ако ти длабоко си убедена во своите постапки, лесно ќе ги убедиш и другите и верувај ми, многу потешко ќе те дискредитираат. Те гледав на телевизија, веруваш во тоа што го зборуваш и тоа е доволно!

    Во голем дел од твојот текст си контрадикторна, како граѓански активист ти не можеш и не смееш да се жалиш на методите на власта! Никако. Ти си тука за да испратиш порака и за тоа имаш можност. Прави го тоа, критикувај но не се жали дека си оневозможена да го правиш тоа што го правиш, бидејќи токму затоа со тука! Да се бориш против неправдата нели?(условно кажано нормално)

    4. За да дејствуваш успешно, мора трезвено да размислуваш. кај тебе препознавам многу гнев како што веќе кажав погоре. Мора малку подобро да ги запознаеш општествените односи и пред се општеството каде живееш за да направиш стратегија како сакаш да влијаеш. Не можеш да влијаеш ако не ги познаваш работите, а мислам дека не ги познаваш доволно. Мој совет ти е, да не ја мразиш политиката туку да ја запознаеш за полесно да можеш да ја реализираш сопствената цел.

    Се сеќавам во некој пост имаше напишано, „не верувам во агенции разно разни анализи и сл..(вака нешто беше може не е скроз точно)„. Не можеш ти како активист, и тоа веќе истакнат, вака да размислуваш. Ти мора да ги познаваш сите мислење и односи во јавната сфера. Секоја анализа, секое истражување, секој коментар или колумна влијаат на општата состојба во земјата. Имај го ова на ум. Ти мораш да анализираш и размислуваш со отворена и чиста глава.

    Ете малце подолго излезе, обично не трошам време за коментари но препознавам искрени намери па затоа еве неколку искрени коментари. се надевам правилно ме разбра.

    Поздрав и продолжи со работата, на прв пати си.

    Никола

  5. Зарем не ја следите моменталната ситуација во државава? Зарем не гледате колку се напнати меѓуетничките тензии… Не знам, ве читам вас хипстери од Центар, кои Чаршија ја виделе и мислат се е океј, а никогаш не им текнало да поминат низ Чаир или Гази Баба (навечер), за Арачиново и Кондово да не збориме па.

    Го пишувам ова зошто ми се чини дека ви се измешани приоритети, добро е да и се противите на владата зошто си е*аа матер од крадење, меѓутоа ве читам и никој никако да напише нешто во врска со убиствата на 4 ДЕЦА (плус случаен сведок) и протестите каде се вееа џихадистички и талибански знамиња… Каде се маваше со камења по новинари и полицајци.

    Кажете ми како да застанам јас на ваша страна, кога вашата “багра” (се извинувам ако ти лично не си дел од неа) глуми дека радикалниот ислам, кој моментално е голема закана за мирот во Македонија, е измислица. Читам статии на плусинфо и останати соросоидски сајтови, блогови на хипстери афилирани со истите и сите глумат дека македонскиот радикализам е поголема закана?! Дека албанските протести поминале мирно?!

    Дека за моменталната ситуација се еднакво виновни двете страни?

    Лажат сушат, си тераат и тие своја политичка агенда.

    Вие радо би твитале и пишувале за врби и живи огради, за спасување на китовите во Јапонија наместо за работи кои се навистина најважни (во моментов).

    Се додека ви се измешани приоритетите, се додека сте со главата во песок, се додека одите контра, не можам да застанам на ваша страна.

    Онтопик, секако дека секоја граѓанска иницијатива не е партиска, но ако не сакате да бидете партиски обоени, оградете се од олоши како на пример… братучетчето на Шеќеринска.

  6. Тамара, силината на постот е во твојата чистота, во твојот младешки порив, токму во твојата неизвалканост со знаење за политиката. Камо среќа да ве има повеќе, вас – млада незаразена интелигенција, вас – дечки со чувство за правда, вас – енергетизирани со надежта. Зашто несреќата на овој народ е во тоа што го поделија на половина, и тоа со отровен нож. Од местото каде што поминал ножот, отровот не престанува да извира. Кој, ако не вие, да биде противотровот?

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s