Ручекот повеќе нема да загори

Првично објавена на РСЕ

Во вторникот на 14.08 својот револт кон скорешните поскапувања на работите кои живот значат, како струја, парно и бензин, го искажаа во Скопје едвај нешто повеќе од 1000 граѓани, и во Битола околу 2000.

Трендот на поскапување ќе продолжи. За скоро се најавува поскапување на лебот, а можеме слободно да очекуваме и поскапувања на другите продукти што би било следствено на поскапувањето на струјата и бензинот. Тоа не ни бега.

Топлификација присилно ќе ги празни џебовите на граѓаните кои не сакаат повеќе да ги користат нивните услуги. Ем ќе ви студи, ем ќе ви биде празен џебот. Немате избор. Зошто им се може. Нема повеќе ефтина струја. Едностано, нема алтернатива. Со тоа што нема да има повеќе ефтина струја можеме да бидеме сигурни на плус во сметката дури и да се обидеме што помалку да ја користиме.

Регулаторната комисија, не регулира ништо. Или регулира во нечија корист, сигурно не во корист на секој од нас, обичните граѓани. Државата иако како да навидум нема ништо со ова, можеби ќе ве заинтересира фактот дека ќе го удвои приходот од данокот на додадена вредност, почнувајќи од овој месец, кога ефтината струја ќе ја нема. Ние, никако да победиме. Плус имаме секогаш само во сметките, никогаш во платите.

И покрај целата оваа ситуација, ме чудат малите бројки на протестите. Дали постои граѓанин на Македонија кој ова не го засега? Дали можеби само ние 1000 граѓани од Скопје немаме пари да си го платиме сметките, и јас сум добила целосно погрешен впечаток дека ова всушност е проблем? Каде се сите кои се заглавени во кредити за да си ги платат секојдневните трошоци и да можат да си дозволат каков-таков достоинствен живот?

Протестот и искажувањето на вашиот револт е доказ дека се грижите за поколенијата кои ги оставате. До каде ќе одат цените? Како ќе се справат тие ако ние не направиме ништо?

Сепак, оние граѓани кои излегоа знаат дека ова нема да се реши само од себе. Закажан е протест повторно на 21.08. и планираат да трае секој вторник, додека барањата не се исполнат. Додека не се добие цврсто тло под нозете. Протестот е закажан во 18:00 часот.

Се закажуваат и протести во другите градови. Ако почнаа Скопје и Битола, ќе продолжат Куманово, Прилеп и Тетово.

Секој граѓанин може да оди и да придонесе за својата иднина. Да додаде плус барање, да одземе некое кое му се чини нелогично.

Некои од барањата кои граѓаните ги составија до сега се:

1. Да се укине ставката ангажирања моќност од 33%
2. Да се врати евтина дневна тарифа
3. Да се врати цената на струјата на ниво од 2008 година.
4. Да се запре со приватизација или докапитализација на целиот енергетски сектор кој е во сопственост на Република Македонија
6. Да се инвестира во одржливи извори на енергија (соларна и геотермална енергија, енергија на ветер и др.)
7. Итно да се повлече новиот правилник на Топлификација
8. Да се врати цената на парното на ниво од 2008 година.
9. Да се намалат цените на горивата во согласност со стандардот на живеење.

Сигурна сум дека можете да застанете позади секое од овие, и дека добро би ви дошло нивното исполнување.

На протестите во Скопје имаше жена во инвалидска количка, и доста постари граѓани. Кој е твојот изговор?

Вие сте на ред.

Advertisements

Неколку предупредувања од моето скромно искуство: Oд кој и што да се пазите?

Протест како протест, убава работа. Се споделува енергија, верба во подобро, се прават пријателства кои ќе траат засекогаш, затоа што за разлика од идење во кафана кај што низ пијано мрморење се вика и се тапшаат рамена, тука се разменуваат ставови, мислења, се поминуваат тешки моменти и се чувтствува потребата од тоа толпа да делува како едно. За доброто на сите.

На протест има секакви луѓе. И тоа е одлично! Ех, камо секогаш да има што повеќе и што по различни. И да решаваме прашање по прашање кое не држи будни навечер…ама нема.

Дури и да е протест кој ќе се случува само еден ден, до неговата реализација ќе помине доста време. Многу граѓани ќе се сретнат и ќе разменуваат мислења, ќе се изменат многу лица, ќе се споделат многу ставови. Некои луѓе нема да се таму со истите интереси како и вас. Можеби ќе ја сакаат истата крајна цел, но со различна причина, и ќе се спремни да прават компромиси за да дојдат до таму кои можат да бидат погубни за се она што правите вие.

Јас од моето скромно искуство можам да истакнам неколку шаблони кои се повторуваа, а за кои можам да кажам дека ми служат за кого да не земам здраво за готово. Сакам да ги споделам и со вас.

Погледнете и запрашајте се двапати кога:

1. Кога некој е премногу дотеран. Кога изгледа како да излегол од салон за шишање. Со актовка и бизнис пристап. Колку и да звучи субјективно, имајте го на памет, може е и најважно. Исмевајте ме за ова ако сакате, ама не го заборавајте.

2. Кога некој вели јас ги имам контактите и ќе зборувам за вас. Кога ќе почне да се разфрла со тоа кој се знае и што може да направи. Ниедно движење во зародиш не смее да му ги довери тие работи на еден човек, или на неколку. Ништо добро нема да излезе од тоа.

3. Кога првиот муабет со него/неа ќе ви биде, имате ли пари, јас можам да ви средам или нешто слично. И кога постојано го вади тоа на дебатирање. Идеја која гради кине од што не може да се задржи внатре не помислува на пари. Може чудно звучи, но најчесто се бориш за нешто затоа што немаш друг избор, не затоа што cost анализата се исплати.

Не се плашете и ги отфрлајте за џабе:

1. Невладините организации. Затоа што тоа е глупост. Ќе отфрлите голем дел од граѓаните кои знаат како да се однесуваат во ситуации како таа во која во моментот се наоѓате за џабе – не дека можат реално да ви наштетат. Невладините организации често не по своја вина се закопани во бирократија и чекаат некој момент како тој во кој се наоѓате да делуваат. Нема зошто да ги туркате од себе. Нормално, секој е во борбата како граѓанин индивидуа. Се друго би било погрешно.

2. Државни претставници. Ако некој политичар сака да помогне и да се позамара со прашањето за кое вие се борите, зошто на не? Па за што го плаќаме да седи во парламент? Може барем некогаш да чуе и реално прашање и да одговори на него. Секој кој има било какво влијание е ваша мета. Дај боже, што би рекле, на ваша страна да застане некој од владеачката партија која е на власт. Отворете ги вратите за соработка. Но внимавајте, за соработка, не за исполнување цели. Ако сте дел од движете и некоја партија ве вика насамо иако вие предлагате да оди група, одбијте, и било какво предлагање на акции и влијание на одлуките кои се донесуваат во вашата група. Ако политичарот е реално засегнат со вашето прашање, ќе има доволно интегритет да не доаѓа на вашите состаноци, ќе изрази јавна поддршка не скриени стискања рака, и ќе превземе нешто конкретно во законодавниот дом да ви помогне. Се друго е мачкање очи. Па, бидете внимателни.

Верувајте ми, некое дотерано гмизавче кое полека, полека станува се погласно, буткајќи се, е милион пати поопасно за она што го правите од очигледните штетници и непријатели, луѓето од партиите и невладините.

Внимавајте од:

1. Интелектуализирање на протестот. Нема потреба, напротив, баш се штетни долгите дебати, дискусии и кревање на протестот на повисоко ниво. Најдобро се делува веднаш, кога гневот е присутен, гневот зборува на сите јазици и дијалекти и секој може да го почувствува. Сакаме да допреме до сите и да сме инклузивни нели? Тогаш не целидлачете, туку протестирајте!

2. Хиреархијата. Не ја поставувајте. Никако. Никогаш. Или ако сакате да протестирате сами добро.

3. Јасна структура од самиот почеток. Сте се собрале на јавен повик, ве има многу и сосема различни и одма ќе креирате работни групи кои ќе бидат ефективни? Сосема невозможно. Подобро е секој сам, на своја одговорност ослободен од притисокот на координација да креира работи кои водат кон заедничката цел, а не повредуваат ниедно од common sense начелата. Координативни групи треба да се производ во втора фаза, кога протестот ќе тргне и ќе треба да се одржува жарот, а не се да почне од нив.

4. Детализирање на барањата. Никои двајца од нас не го гледаат светот на ист начин, и ниедна реченица не ни звучи исто на сите. Протестот е доволно да започне под едно мото, додека уште гневот трае, затоа што тоа едно мото е најгенерално и најинклузивно и ќе обедини најмногу луѓе. Креирањето на детални барања уште пред да почне некој протест, особено на прашање кои не засега сите како граѓани, може само да одмогне. Меѓу другото, граѓаните е доволно да побараат нешто и да им чукнат на вратата на одговорните, а не да достават детална правна анализа како тоа да се изведе. За што ги плаќаме тогаш?

Ова е се добронамерно. Нормално е да имате различно мислење од моето, и слободно пишете го во коментарите. Ви посакувам многу успешни протести, и ноќи мирно проспиени, со помалку проблеми.