Неколку предупредувања од моето скромно искуство: Oд кој и што да се пазите?

Протест како протест, убава работа. Се споделува енергија, верба во подобро, се прават пријателства кои ќе траат засекогаш, затоа што за разлика од идење во кафана кај што низ пијано мрморење се вика и се тапшаат рамена, тука се разменуваат ставови, мислења, се поминуваат тешки моменти и се чувтствува потребата од тоа толпа да делува како едно. За доброто на сите.

На протест има секакви луѓе. И тоа е одлично! Ех, камо секогаш да има што повеќе и што по различни. И да решаваме прашање по прашање кое не држи будни навечер…ама нема.

Дури и да е протест кој ќе се случува само еден ден, до неговата реализација ќе помине доста време. Многу граѓани ќе се сретнат и ќе разменуваат мислења, ќе се изменат многу лица, ќе се споделат многу ставови. Некои луѓе нема да се таму со истите интереси како и вас. Можеби ќе ја сакаат истата крајна цел, но со различна причина, и ќе се спремни да прават компромиси за да дојдат до таму кои можат да бидат погубни за се она што правите вие.

Јас од моето скромно искуство можам да истакнам неколку шаблони кои се повторуваа, а за кои можам да кажам дека ми служат за кого да не земам здраво за готово. Сакам да ги споделам и со вас.

Погледнете и запрашајте се двапати кога:

1. Кога некој е премногу дотеран. Кога изгледа како да излегол од салон за шишање. Со актовка и бизнис пристап. Колку и да звучи субјективно, имајте го на памет, може е и најважно. Исмевајте ме за ова ако сакате, ама не го заборавајте.

2. Кога некој вели јас ги имам контактите и ќе зборувам за вас. Кога ќе почне да се разфрла со тоа кој се знае и што може да направи. Ниедно движење во зародиш не смее да му ги довери тие работи на еден човек, или на неколку. Ништо добро нема да излезе од тоа.

3. Кога првиот муабет со него/неа ќе ви биде, имате ли пари, јас можам да ви средам или нешто слично. И кога постојано го вади тоа на дебатирање. Идеја која гради кине од што не може да се задржи внатре не помислува на пари. Може чудно звучи, но најчесто се бориш за нешто затоа што немаш друг избор, не затоа што cost анализата се исплати.

Не се плашете и ги отфрлајте за џабе:

1. Невладините организации. Затоа што тоа е глупост. Ќе отфрлите голем дел од граѓаните кои знаат како да се однесуваат во ситуации како таа во која во моментот се наоѓате за џабе – не дека можат реално да ви наштетат. Невладините организации често не по своја вина се закопани во бирократија и чекаат некој момент како тој во кој се наоѓате да делуваат. Нема зошто да ги туркате од себе. Нормално, секој е во борбата како граѓанин индивидуа. Се друго би било погрешно.

2. Државни претставници. Ако некој политичар сака да помогне и да се позамара со прашањето за кое вие се борите, зошто на не? Па за што го плаќаме да седи во парламент? Може барем некогаш да чуе и реално прашање и да одговори на него. Секој кој има било какво влијание е ваша мета. Дај боже, што би рекле, на ваша страна да застане некој од владеачката партија која е на власт. Отворете ги вратите за соработка. Но внимавајте, за соработка, не за исполнување цели. Ако сте дел од движете и некоја партија ве вика насамо иако вие предлагате да оди група, одбијте, и било какво предлагање на акции и влијание на одлуките кои се донесуваат во вашата група. Ако политичарот е реално засегнат со вашето прашање, ќе има доволно интегритет да не доаѓа на вашите состаноци, ќе изрази јавна поддршка не скриени стискања рака, и ќе превземе нешто конкретно во законодавниот дом да ви помогне. Се друго е мачкање очи. Па, бидете внимателни.

Верувајте ми, некое дотерано гмизавче кое полека, полека станува се погласно, буткајќи се, е милион пати поопасно за она што го правите од очигледните штетници и непријатели, луѓето од партиите и невладините.

Внимавајте од:

1. Интелектуализирање на протестот. Нема потреба, напротив, баш се штетни долгите дебати, дискусии и кревање на протестот на повисоко ниво. Најдобро се делува веднаш, кога гневот е присутен, гневот зборува на сите јазици и дијалекти и секој може да го почувствува. Сакаме да допреме до сите и да сме инклузивни нели? Тогаш не целидлачете, туку протестирајте!

2. Хиреархијата. Не ја поставувајте. Никако. Никогаш. Или ако сакате да протестирате сами добро.

3. Јасна структура од самиот почеток. Сте се собрале на јавен повик, ве има многу и сосема различни и одма ќе креирате работни групи кои ќе бидат ефективни? Сосема невозможно. Подобро е секој сам, на своја одговорност ослободен од притисокот на координација да креира работи кои водат кон заедничката цел, а не повредуваат ниедно од common sense начелата. Координативни групи треба да се производ во втора фаза, кога протестот ќе тргне и ќе треба да се одржува жарот, а не се да почне од нив.

4. Детализирање на барањата. Никои двајца од нас не го гледаат светот на ист начин, и ниедна реченица не ни звучи исто на сите. Протестот е доволно да започне под едно мото, додека уште гневот трае, затоа што тоа едно мото е најгенерално и најинклузивно и ќе обедини најмногу луѓе. Креирањето на детални барања уште пред да почне некој протест, особено на прашање кои не засега сите како граѓани, може само да одмогне. Меѓу другото, граѓаните е доволно да побараат нешто и да им чукнат на вратата на одговорните, а не да достават детална правна анализа како тоа да се изведе. За што ги плаќаме тогаш?

Ова е се добронамерно. Нормално е да имате различно мислење од моето, и слободно пишете го во коментарите. Ви посакувам многу успешни протести, и ноќи мирно проспиени, со помалку проблеми.

5 thoughts on “Неколку предупредувања од моето скромно искуство: Oд кој и што да се пазите?

  1. Тууу да знаев дека некој порачува да се внимава на дотерани типчиња на протести немаше да излезам од работа само за да дадам подршка лани за Мартин. Ретко глупа опсервација и предрасуда од човек кој токму би требало да го прави спротивното.

    • Не знам дали напишав дека не се тоа луѓе излезени од работа што прошле. Тоа се луѓе кои доаѓаат дотерани затоа што го гледаат протестот како работа и можност да бидат видени. Тоа се посебна врста на луѓе кои можеш само да ги насетиш, а амо една од нивните карактеристики е ова. Знаев дека нема да ме разберете и убаво си напишав ако сакајте исмевајте ме за опсервацијата ама за да ви доловам доволно треба да напишам имиња и да посочам примери, ама не се вредни за валкање блог.

      • Проблемот е во тоа што го пишуваш јасно сугерира дека треба да се да се внимава на одредена група луѓе. Ако на некој му кажуиваш да внимава на некој и го опишуваш како физички изгледа тој некој претставувајќи го како стереотипна личност од таа група, наведуваш на креирање предрасуди. Дополнително додаваш „може е и најважно„ што го засилува горниот мој аргумент. Тоа е погрешно а останатиот дел од текстот е добар.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s