#солидарност за оние кои имаат помалку

Здраво Интернет,

Пред скоро еден месец, баба ми по своето редовно враќање од црква во приквечерните часови, не ја направи својата стандардна рута и да си влезе во собата, туку видно вознемирена влезе во мојата.

Ме замоли ако можам да и дадам 100 денари. Ми звучеше многу чудно затоа што никогаш не се случува, па ја прашав да ми раскаже што е работата. Со насолзени очи ми ја раскажа приказната за жената и нејзината ќерка, кои ги запознала кога работеле во Каритас (народна кујна на католичка црква), 40 и нешто годишна жена и нејзината 20 годишна ќерка која има некоја психичка болест, и заради која не може да работи туку мора да остане да ја чува. Баба ми решила да собира по 100 денари од сите што ги знае за да и однесе нешто. Не ме разбирајте погрешно, ама баба ми е многу прагматична жена, од оние од стар ков што го штедат секој денар, па нејзиното инсистирање да му се помогне на некој ми беше доволен показател дека работата е итна.

Пишав статус на фб и твитер некој да донира стара облека да почнеме од некаде, да ги облечеме – фала и ептен на Јованка која реагираше најбрзо што може и им однесовме јакни. Во меѓувреме и една организација ми пиша приватно дека ќе помогне па решив да не ја окупирам јавноста со ова прашање кога има многу вакви приказни, но за жал, ништо од тоа не се оствари.

Живеат во трошна куќичка, како што рече баба ми, од социјална помош која им доцни, со многу големи долгови на струја. Кога им најавив дека можеби ќе им помогне организацијата, од некаде најдоа ќумбе за дрва, но немаат олуци, а ни дрва.

Јас и баба ми ве замолуваме ако имате нешто од следниве работи да споделите:

– јоргани (затоа што немаат никакви) за покривање
– некое парче топла облека (овде морам да напоменам дека потребни се многу големи броеви)
– донација за да им купиме олуци и некое дрво – знам дека се многу пари дрва за цела зима но барем дел да се покрие некако
– некоја тегла ајвар или било каков друг прехрамбен продукт

Јас и баба ми ќе ве чекаме во 12 часот во недела пред католичка црква од каде блиску се стига до домот на овие две жени, кои ќе можете да ги посетите со нас ако сакате. Ви благодариме за помошта однапред. И најмалата помош на некој може да му го смени животот.

Еве го мојот email: tamara.atanasoska20@gmail.com ако ве интересира било каква информација.

Advertisements

На ивица на демократијата

Објавено на РСЕ на 17.11.2012

Едно од мерилата за демократија е слободата која ја уживаат граѓаните кои егзистираат во тоа општество, како и степенот на почитување на човековите права. Македонија во моментов се наоѓа во една особено предизвикувачка ситуација, каде негативниот тренд кој се однесува на слободите и правата се движи кон загрижувачки граници.

Слободите се одземаат секогаш тивко и неприметно, најчесто позади затворени врати и во мали инкременти, бавно и под радарот на обичниот граѓанин. Преоптоварени со секојдневието, граѓаните го немаат тој луксуз да бидат постојани стражари пред малите екрани, печатените и интернет медиумите, будно следејќи ја секоја промена, секој предлог закон од многуте кои се појавуваат секојдневно. Ја немаат можноста и времето да го отворат документ и да го прочитаат со грижа, ја неаат доволната стручност за да помеѓу сите тие линии убаво срочен и на висок јазик текст ја пронајдат баш онаа реченица која е спорна, и која го му дава поинакво значење на се она што го знаеле до сега.

Во вторникот се изгласа „Законот на навреда и клевета“ или како што го познаваат граѓаните „Законот за цензура“, изгласани се и промените во „Законот за полиција“, а проблематични членови се наоѓаат и во „Законот за обезбедување на луѓе и имот“. Сите овие веќе стапени на сила правила имаат директно влијание нашите права на слобода на изразување, правата на неповредливоста на домот, правото на приватност и општо нашата безбедност како граѓани.

Веќе со години слушаме од домашната експертска и меѓународната јавност загриженост околу слободата на медиумите во Македонија, но со донесувањето на последниот закон, „Законот за навреда и клевета“ се отиде еден чекор понатаму во во контролирањето на содржината која се пласира во пошироката смисла на терминот медиум. Со магливото дефинирање на она кое ќе биде предмет на санкција и цензура, односно „уреднички oбликувани програмски содржини кои се објавуваат, односно емитуваат дневно или периодично во пишана форма, звук или слика, на начин достапен за широката јавност“, што би можело, како што напоменав во својата поширока смисла, да се однесува и на профил на социјалните мрежи, блог пост и слично наеднаш сето ова добива многу индивидуална конотација.

Со едноставен пример – ако имате лично негативно мислење за некоја јавна личност, да речеме политичар, и напишете текст, статус или било што од кој тој би можел да се најде навреден, ќе ве даде на суд, текстот ќе ви биде избришан, а пристапот до интернет може да ви биде одземен. Ако го навредите комшијата, тешко дека ќе се довлечкаат работите до суд, можеби ќе паднат неколку пцовки, можеби ќе има намрштени лица, но судот најверојатно нема да е последната станица. Од овој закон најмногу корист ќе имаат оние кои се на позиција на моќ и кои имаат ресурси, а сега и средства, за да ги заштитат своите интереси.

Понатаму, „Законот за полиција“. Со зголемувањето на овластувањата на полицијата и нивните ингеренции во полициското дејствување се соочуваме со ситуација која не е нималку наивна – имено, отсега, според член 60, полицискиот службеник може да влезе во туѓ дом и затворени простории без писмена наредна и да изврши преглед на домот, а според член 51 може да се спроведе засилено полициско набљудување без претходно образложен предлог од јавниот обвинител. Иако под овие зголемени овластувања има наредено листа на специјални случаи каде ова може да се искористи, можноста за злоупотреба е едноставно преголема. И да живеевме со свет со совршено некорумпирани полицајци и власт и совршено морални луѓе овие членови ќе беа проблематични, а не во случај како нашиот, кога секој од нас од лично искуство знае за по некоја злоупотреба на должност на службено лице припадник на МВР.

Во законот е проблематично и тоа што нема јасно разграничување на поимите кои ги дефинираат овластувањата како „претрес“ на пример, но исто така и не целосно и детално дефиниранота пропорцоналност на силата, што е многу важно и екстремно подложно на злоупотреба сите овие години.

На „Законот за полиција“ му се придружува и дополнувањето на „Законот за обезбедување на лица и имот“ каде на оние кои работат обезбедување им се дозволува носењето оружје, негово користење, но исто така и лишување од слобода, односно „задржување“ на оние за кои сметаат дека е потребно и нивно предавање на полицијата.

Некако, кругот околу нас се стеснува, иако можеби секој од овие измени, предлози и нови рестрикции не ви изгледа како да има многу важност во вашиот живот, запрашајте се уште еднаш – како што се поместува границата за тоа што ќе им помине на моќниците кои сакаат да се заштитат, како што ќе се движи границата милиметар по милиметар нагоре, може да стигнеме до некоја точка кога веќе ќе почне да не стега околу вратот и веќе да е доцна.

Денеска е правото да зборувате слободно на интернет, утре правото да може да се потпрете дека барем дома не може никој да ви влезе, или пак некој кој не поминал соодветни тренинзи и со сомнителен морален компас и етика да шета покрај вас со пиштол и право да ве лиши од слобода. Не чекајте, тоа се е веќе денес.