Моја, твоја, наша држава

Минатиот месец како дел од работата имав можност да се дружам со млади луѓе од Латвија, кои беа овде на посета. Политички информирани и свесни за работите кои се случуваат во нивната држава, беа вистинско задоволство за муабет.

Во Латвија живеат скоро 30% Руси.Иако малцинската ситуација не е сосема иста како нашата (Латвија во минтото била под окупација на Русија), сите меѓу-етнички односи потсетуваат едни на други. Кога беа на посета се случуваше прославата за 100 години независност на Албанија, а ние се возевме со автобус низ Тетово одејќи на кај Охрид и нормално беше да излезе ова прашање на површина, од каде почнаа дискусиите за споредба на двете ситуации и споредување на истите.

Најпрво беа малку зачудени од агресивноста албанските облележја насекаде и недостатокот на македонските барем во приближно иста мера. Беа исто така зачудени што повеќето од нас не го разбираат нивниот јазик, а тие го разбираат нашиот. Ги зачудија многу работи. По некое време го поставија прашањето:

Дали некогаш сте пробале да направите да се чувствуваат како Македонија да е и нивна држава, дека делите исти вредности, дали на пример некогаш сте имале кампања „Македонија е твоја земја“ со нив во главната улога? Со други зборови, дали некогаш сте направиле да се чувствуваат добредојдени?

Размислете. Дали? Јас не се сеќавам на такво нешто. Се сеќавам на графити „Смрт за шиптари“, викања на фудбалски хулигани на улица со слична содржина, се сеќавам на медиумски портретирања од сличен тип. Се потпрев на своето столче да размислам можеби малку поубаво, но не можев да се сетам на ништо. Единствено ми текнуваше на нашите родители кои кога бевме деца се гордееја на „чиста населба“ во приватните муабети со ракиичка, можев единствено да се сетам на ѕидови од секој тип, издигнати за да не може во никаков случај да се случи интеграција.

Иако не можев да се сетам на ниеден пример кога некој направил напор, некој релевантен (политичар, институција, медиум) да направи некој ваков дискурс на ова прашање, можев да се сетам на милион слични националистички кампањи кои му се обраќале директно на „вистинскиот Македонец“ – православен, бел и етнички Македонец. Кампањи за национална свест со игнорирање на огромен број на полулацијата во оваа држава.

Кога се држиме до племенското идентификување на секој своето, слепо за национализмот како вредност по која треба да го водиме својот живот, кога буткаме национализам без инклузија и сакаме „чиста држава“, нормално е да го разбудиме истото и кај другото население. Не знам како е да си од другата страна, но ако си константно бомбардиран со вакво однесување претпоставувам дека во еден момент ќе почнеш да се однесуваш дефанзивно и ќе почнеш да играш по моделот кој ти се сервира. На никој не му е пријатно да се чувствува како граѓанин од „втор ред“.

Не знам како да изгуглам, а ме интересира дали имало некакви мерки за еманципација на албанското население пред да го побараат тоа на сила. Не ми се верува дека имало. Пишете ми коментар ако знаете.

А национализам како национализам – од почетокот на времето користен како ефтина популистичка мерка за водење на масите, го користат и политичарите како ефтини профитери од двете страни – толку е ова клише што нема ни потреба да се спомне. Затоа никогаш нема такви кампањи, секој си го пушта тој муабет само кај своите.

Многу е тешко да си растел овде и да си отпорен на овие отровни влијанија. Треба да си многу човек да сакаш да градиш иднина на темелите на сегашноста, не на минатото. Да ја заборавиш сета крв и почести кои се случиле некогаш и да почнеш да градиш држава која има стабилни темели и здрава заедница.

Го пишувам ова затоа што изборите се пред прагот. Ќе почнат да не трујат, кај и да е. Ќе пласираат вести во нивните медиуми за да ги набуцкаат секој своите, ќе пуштаат муабети дека ќе има војна, ќе ги жустрат оние најрецептивни на вакви муабети. Ќе вметнуваат етнички припадности во секојдневни тепачки на тинејџери да не нервираат, ќе излезат сите со СТОП пароли за нешто што не се случува да не нервираат уште повеќе. Медиумите среќно ќе соработуваат со нив ( а не наоѓаат за важно да објават дека во Скопје се случи „Балканска анти-националистичка конференција“ каде се правеа зрели муабети на оваа тема).

Кога ќе почнат да го прават тоа, помислете на прашањето кое го поставија Латвијците, и дали всушност не ве само завлекуваат на погрешна страна (драги Македонци и Албанци, текстов се однесува и на едните и на другите).

За свесните: Së bashku jemi më të fortë.

*Мразам да пишувам на вакви теми затоа што мислам дека сум недоволно образована и информирана на темата, а и недоволно искусна и недоволно спремна за коментари полни гадости и омраза. Ама едноставно многу ми се допаѓаше прашањето на младите од Латвија, морав да го споделам.

Advertisements

Статус #солидарност, направивме еден дом посреќен

Здраво пак Интернет,

Денеска на ова тмурно и врнежливо време, со баба ми рака под рака (уште ми е криво што не си ја сликнав) дојдовме до Католичка црква, каде се најдовме со оние кои го прочитале мојот повик на интернет.

Со бабичка бевме неорганизирани, ама се снајдовме со помошта на сите.

Јас навистина не знам како може некој да им се заблагодари на сите луѓе кои излегуваат во пресрет на вакви работи, еве јас не знам, а не знаеше ни жената која плачеше од среќа и повторуваше дека „ангелчиња и влегле во домот“.

Баба ми уште не и се верува, не и е јасно како тоа не се знаеме а сме се сретнале, од кај ги знам јас луѓето што дошле и како тоа се се организирало.

Немам некој модерен телефон да сликам, но доста од луѓето кои влегоа ја видоа тешката состојба во која се наоѓаат жените. Ги покривме за некое време, можеби е сега подобро ако може да се побара некое потрајно решение, затоа ако чита некој новинар и претставник на институција, контактирајте ме, ако имате идеја како да се помогне.

Ми беше многу непријатно да ги отварам кесите кои ги оставивме во нивната соба, иако сакав точно да пренесам што се собрало, а и ми беше страв дека ќе го вознемириме девојчето кое веќе при крај почна да вознемирува.

Тоа што знам – собравме 8300 денари, 3,4 јоргани, доста големи џемпери и едни обувки, многу тегли зимница, лепчиња и други прехрамбени производи.

Парите нема да одат сите за дрва, некои ќе одат кон долгот за струја затоа што им се најавиле извршители (кои навистина, ама навистина нема што да земат освен куќата во која живеат).

Се најавија и некои луѓе кои рекоа дека ќе се јават во текот на неделата.

Јас на сите ви благодарам уште еднаш.