(You Gotta) Fight for Your Right (To Party!)

Утрово се разбудив доцна (под доцнам мислам 11 часот) се истегнав, и решив да го искористам ретко убавото време во големиов град во кој не познавам никој за да се легачам во некој парк, читајќи ја Јасна Котеска.

Се упатив кон Mauerpark, еден огромен парк кој ми е блиску до дома. Улиците до таму, полни луѓе. Како и навечер, така и преку ден, луѓето комотно се шетаат со пива во рацете, помлади и постари, дотерани и тотално опуштено облечени, затоа што пиво можат да си купат во кое сакаат време, а продавници каде можат да го напрат тоа има на секој чекор.

На влезот на паркот, брдо точаци. Сите возат велосипеди. Дури и навечер излегуваат по своите велосипеди. Мојата омилена слика ја гледам и на овие улици, која ја видов и во Стокхолм – мажи, облечени во up-tight костуми, одат на работа на велосипеди. Немаат непотребен наметнат притисок од околината дека треба да одржуваат и да го докажуваат својот статус во општеството со тоа што ќе возат автомобил до работа.

Кога влегов во огрмониот парк, од едната страна ме дочека огромен flea market, или пазар како во Скопје што има кај полигонот, секакви дребулии начичкани на едно место, изделен од паркот. Вриеше од луѓе. Набрзина излегов од таму затоа што уште не можам да се навикнам како да се облекувам кога излегувам овде и ми стана премогу жешко од гужвата. Само што излегов на другата страна, на полјаната пред мене имаше наместено бина (која верувам таму стои постојано во летниот период) свртена кон еден мал амфитеатар, кој беше целосно исполнет, со многу луѓе седејќи и по страните, правејќи огромна публика. Всушност, коа се мушнав во гужвата забележав дека тоа е караоке, каде секој кој сака, може да си дојде, и со бенд кој ќе ја свири неговата песна во живо, пред навистина голема публика, може да ги има своите пет минути, да се забавува да се качи и да пее (патем, мора ова да го направиме во Скопје). Луѓето ги бодрат и добрите и лошите пеачи, а заедно се опуштаат во топлото неделно попладне.

Останав таму малку, ме расположија (јас сум најголем скептик кон караоке, ама забавно ми беше колку се луѓето отворени и бесрамни и како тоа на крај се симпатично изгледа), па продолжив понатаму да го истражам паркот. Поминав покрај голема полјана на која од страните, да не сметаат беа наредени фамилии кои си правеа скара, на средината трчаа пуштени кучиња и дечиња заедно, луѓе во ќошевите да не сметааат по дома учеа да свират инструменти. Малку понатаму, во дел кој од претходниот го делеше едно огромно детско игралиште полно деца, на дрвата висеа хамоци, и имаше вистинска дневна опуштена psytrance забава, со вистинско озвучување и фестивалски расположени луѓе. Околу, на полјаната која ја имаа запоседнато со одговорно гласната музика, седеа луѓе со сино исфарбани коси, мајки кои играа со своите бепчиња во рака, млади муслиманки кои си правеа пикник со бурки, деца и родители кои трчаа наваму натаму, од време на време придружувајќи им се на трансерите. Се мешаше мирис на марихуана со мирис на скара во воздухот, ама тоа на никој не му сметаше. Кога ги имам прашувано тукашните пријатели зошто е тоа така, велеа дека полицијата си има попаметна работа. И во право се. Тука го поминав остатокот од времето.

На враќање кон дома, направив уште еден круг, каде открив уште многу помали групи кои си правеа забава или се забавуваа на начинот на кој нив им одговара, не сметајќи си една на друга, сите користејќи го јавниот простор на нивната држава.

Ова беше малку долго, но сакав да ја дадам комплетната слика која ја доживеав, за да ме разберете за тоа што следно сакам да го кажам, во недостаток на технологија за да сликнам :).

Клучниот збор овде е, јавен простор. Овие луѓе, ефективно го користат јавниот простор кој ИМ Е ОВОЗМОЖЕН од страна на државата. Го користат сосема слободно, поседувајќи го, слободни да го направат тоа на начинот на кој нив им одговора, затоа што е нивен. Можат да се качат на бина, да си попеат, можат да дојдат да си се изнаиграат на музиката која им се допаѓа. Можат да лежат на сонцето, или како на плажата на која бев вчера, да се шетаат голи. Зошто им се шета. Можат да си купат пиво во било кое време и со истото слободно да се шетаат по град, затоа што не прават ништо лошо.

Ние често не сме свесни за тоа во колку затворено, во исто време и ограничувачко и репресирачко општество живееме. И да ни текне во некој момент, забораваме. Животот е преголем, прекомплциран. Во Македонија со градации се носат „мали“ закончиња кои навидум не прават голема штета, но се само еден чекор кон помалку слобода.

Ни е ограничена слободата на користење на јавните простори со тоа што ги нема. Фонтаните, спомениците, обезбедувањето, означените простори се всушност узурпација на јавниот простор кој ние го поседуваме, наш е, како што е наша републиката. Делегираните простори, уште полошо, просторите пренатрупани со свашта е немо одземање на правото на граѓаните да си ги користат јавните простори како тие сакаат: да се дружат, забавуваат, да размислуваат како тие сакаат, не како што ќе им кажат. Намалувањето на зелениот простор, на парковите, на дрвјата во Скопје е исто израз на тоа дека нема слобода во тој смисол на избор на граѓаните – јавните простори веќе не се ваши, тие се на државата. И крикот на граѓаните кој изгледа смешно од страна, плач или борба за неколку дрва, тоа е таа борба за јавниот простор, борбата за последните места каде можеш да седиш ти како што сакаш, на слободата на тоа да одлучуваш како и што со себе во оваа околина. Некогаш, слободата не исчезнува со тоа што некој експлицитно ќе назначи или ќе ти одземе некое право – некогаш злободата исчезнува со тоа што некој ќе ги земе сите опции со кои ќе можеш да го користиш тоа право, па иако го имаш, нема да можеш повеќе да го практикуваш.

Со тоа што на секое собиралиште изградија споменик на својата идеологија, со тоа што ја забранија слободната работа (времетраењето) на местата за забава, дури се осудија да се вмешаат во изборот на музика (укунувањето на турбофолкот што е ако не директно мешање во нечиј избори и волја?!), со тоа што го ограничија купувањето на пиво како ете, еден симбол на социјализација ма и едноставно волја на тој што сака да го пие, со тоа што ги скратија парковите, ги дигнаа зданијата – со тоа не пикнаа по домовите, да ги случаме нивните небулози, нивните отрови на телевизијата, со тоа што не оставија дома без слободни простори да се мешаме како примерот со младите муслиманки, трансерите, дечињата и кучињата, не делат, не делат и полнат со огорченост, затоа што немаме каде ДА СЕ ОПУШТИМЕ. Значи луѓе сме, мора негде да го издуваме својот вентил од напорната работа, од секојдневните маки. Со тоа што не ни даваат да се опуштиме, или со тоа што можеме да се опуштиме само на начинот на кој НИВ ИМ ОДГОВАРА, КАДЕ НИВ ИМ ОДГОВАРА, не оставаат нервозни, изгубени и сами.

Иако малите групи активисти кои се борат низ годините против оваа појава никако не се сфатени сериозно, се надевам дека сите ќе увидат дека еве, ако не на Македонија, на Скопје му е потребна културна револуција – на Скопје му треба алтернатива и од почеток да си ги освои јавните простори кои се негови, а со тоа да освои и право на своја мисла и право на свој избор.

***насловот е зошто еден дечко на караокето ја пееше песнава, а мене не можеше да ми излезе од глава дека тоа е совршен за ситуацијата која сакам да ја раскажам.

Advertisements

Ние сме ништо

Главоболката од вчера ми е доказ дека нешто реално се случило. Впрочем, втор пат неделава се будам со кошмарно чувство и куп хартиени марамчиња до мене, по поминати неколку часа плачење од немоќ, поради политички и прашања кои се поврзани со оваа држава.

Не е само мојот стрес. Порано знаев да бидам гневна, сега, така ги чувствувам рацете врзани што на очи ми доаѓаат само солзи. Ама солзи такви крупни, што болат. Што кога ти поминуваат по образ печат. Како да тажам некој што починал, па со секоја капната дел од мене кај што бил скриен излегува.

Се разбудив денеска во 1 часот попладне, затоа што заспав кога престана звукот на пилите сабајле пред мојата зграда. Во моментов, еден човек вика, се дере, повикува на правда, веќе цел час вика без да престане. Претопло е, а некоја жена плаче и го смирува. Од прозорецот уште можам да го видам нередот што го оставија вчера. Живееме во лудило.

Јас живеам во зградата карши Бристол, во онаа што е сега цела заградена, пред која имаше споменик. Кога минатиот пат ги сечеа дрвата не бев во Македонија. Не ни можев да претпоставам дека ќе го видам истото и како тоа всушност изгледа.

Во 3 и 30 вчера чув галама и викање од доле, се освестив и ѕирнав низ прозорецот, видов полиција како се собира. Затоа што имаше доле луѓе со шатори од иницијативите „Кислород“ и „Авангарда“ или се нарекуваат и „Паркобрани“, мислев дека едноставно дошле да ги тргнат, затоа што верувам дека имало поплаки на нив затоа што до раните утрински часови пуштаа гласна музика и филмови, а и правеа галама. Наеднаш почнаа да доаѓаат многу повеќе полициски коли, а колку што можам да видам од дрвото што ми е баш пред прозорот (едно останато) забележав дека носат кациги и штитови во рацете, што не би било случај да ги дислоцираат само, а да не очекуваат никаква посериозна реакција или слично.

Еве сега овде морам да ја признаа мојата грешка и се надевам дека сите ќе научиме од неа. Арогантното однесување на вклучените во оваа иницијатива со шаторите изминатите денови (непочитувањето на јавниот ред и мир, сепак мајка ми оди на работа во 5 ипол), како и тоа што познавав голем дел од нив како членови на опозициската партија, направи да ги земам со резерва и да ги сфатам толку сериозно, иако присуствував и на првиот протест кој го органзираа. Во изминатите години, како сведок на некои претерани драми на опозицијата, претерување и вадење на работите од контекст, знаете она викање „Волк, волк!“ и кога го нема заради сензационалност, па кога дошот волкот навистина никој не излегол и ги изел овците. Е па тоа и се случи. И многу ми е жал.

Очигледно, веќе нема простор за недоверба, пребирање на луѓето со кои се пружа отпор, нема простор за сомневање во нечии намери. Ние сме ставени во ситуација на апсолутно дивеење на власта, и освен здружен отпор, било каков, со било кого, во било која ситуација и на било кој начин, ништо не се може. Значи ова „нож до коска“? Е па таму сме. Сечење на дрва, незаконски, во 4 наутро додека граѓани вриштат и плачат доле, со полиција која реагира на команда „Потиснувај!“ е тоа ниво.

Би сакала да продолжам.

Додека да се облечам и да истрчам доле, го видов најголемото дрво како паѓа, на кај мојот прозор, такво огромно и со тресок. Кога гледаш дека пред твои очи уништуваат нешто што постоело одамна, што му требало време да израсне и порасне за да му служи на овој град, нема друго чувство освен болка. Болка ако ја разбираш и ти е јасна сериозноста на тоа што го прават.

Доле, го начекав веќе во полн ек ова:

И трчајќи натаму, ја забележав мајка ми како трча на кај мене. И тоа. Пред мајка што ќе праиш, страв ми е за неа. Морав да стојам само таму, малку по на страна, да стојам како кип и да плачам како мало дете додека мајка ми ме држи за рака. А тие, сечат. Јас стојам, пред мене полицијата ги потиснува оние кои се бунат, а тие сечат и звуци на пила и дрва кои се кршат се мешаат со врисоците на граѓаните.

Стоев долго само за да се уверам дека нема да има пропусти во однесувањето од страна на полицијата. Луѓето едно време се разжустрија, па имаше таква можност. Не знам зошто, тоа уште од две години ми има останато во глава, да и бидам полицаец на полицијата. Како и да е, од нивна страна, се беше во ред. Веќе кога почнаа да ми се тресат нозете од стрес, решив да се качам дома. А и мајка ми беше во 5 ипол на работа.

И се качив. На секое пуцкање на дрво кое се крши (патем сите беа веќе исечени, само гранките беа големи и го произведуваа истиот звук) пак се расплакував. Ужас.

И да не излезе дека ова го пишувам само да си ги документирам своите солзи, ова го пишувам за да го документирам дивеењето, ѕверштината на моменталната власт, невредноста на човечкиот живот, на граѓанскиот глас и ситуацијата во која сме ние ставени како луѓе, каде ни се одземени сите права и должности кои ги имаме како граѓани. Нашата волја не вреди. Тоа што имаме ние да кажеме за сопствениот град не е важно.

Каде од оваа точка? Што понатаму? Не знам повеќе…