Протестирам, значи постојам

Беа интензивни овие две недели. Сите што се вложивме некако, изгоревме.
Критичната маса репресирана сите овие години се разгневи и пак се активираше. Сплетот на околност доведе до оставки. Се тоа фино. Толку е убаво заедно на улиците, така пирка слободата и се враќа смислата на секојдневието, надежта од која никогаш не сме се откажале само закопале длабоко – толку е убаво што сакаме пак и пак, и се враќаме на она нашето „секој ден во 6“. Иако видовме неколку пати наназад дека тоа не функционира. Посилно е од нас, тоа е!

Фино исто го канализиравме гневот од 5ти и го проџвакавме низ сета желба, волја и позитивност која тлее во нас и го преточивме во здружен граѓански крик, кој го предуслови она прекрасно сплотено расположение на протестот на 17ти – првиот изблик на масовно граѓанство. Можеби опозицијата ги донесе автобусите, но #протестирам го донесе духот.

Немав некое среќно детство, ни ми беа удобни тинејџерските години. Се сеќавам кога првпат се почувствувам како да има смисла светот и јас во него, тие први 10 дена во 2011 кога прогласувавме „10 дена младинска република“. Затоа целосно ја разбирам девојката која го има напишано погорниот твит. Се разбираме. #Протестирам е одговор на потребата да се одлучува за сопствената иднина, наспроти диктат од „горе“, чив и да е. Нашето запоседнување на улиците е израз на тоа дека ни е доста да се движиме во линиите кои претходно ни се зацртани. Дека ни е доста од тоа да бидеме робови на сите тие ситни и крупни пазари кои се случуваат надвор од нашата можност и контрола, а го контролираат секој наш здив.

Со секоја нова иницијатива, со секое ново движење, со секое ново одважување и преземање одговорнот – се зголемува критичната маса. Ако пред 4 години бевме стотици, сега сме илјадници. Попуштаат стегите на страв, потпукнува кутијата во која не изолирале и се тргаат еден по еден слоевите на репресија. Ден по ден се движиме се повеќе ко граѓанска еманципација. Можеби потфрламе во тоа да ги пречекаме и да се справиме со сите овие непредвидени ситуации како активисти и граѓани за да можеме да го извлечеме најдоброто од нив, но сепак, уште учиме. Сите движења кои се појавиле сме ги држеле целосно отворени, хоризонтални и неформални, па со тоа и недостатокот на инфраструктура. Можеби и ова набрзо ќе се смени, затоа што годините вмрежување и работење резултираа во градењето и на посериозни политички организации (пр. Солидарност). Којзнае, ќе видиме.

Во моментов се наоѓаме во многу специфична ситуација – и граѓанинот е пак притиснат до ѕид. Се соочуваме со авторитарната, криминална и нелегитимна влада која се служи со [insert random insult adjective here] методи како контра-камп против самата себе, а граѓанското општество со задоволство би го ликвидирала целосно како такво. Од другата страна пак, ја имаме опозицијата со која имаме иста цел во моментов (ДОЛУ ВЛАДА!), но која инсистира да го апсолвира целото граѓанско делување под своја капа, односно поставува монопол на истото во моментов. Да не се лажеме, ниедно движење неможе да собере масовност како што може да го направи тоа СДСМ, и е недвосмислено јасно дека сите мораме да работиме заедно. Сепак, да не заборавиме зошто протестираме. Протестираме ЗА плурализам на мислења, ЗА алтернативни, протестираме ЗА промена на системите кои генерираат бруталност, протестираме ова што го живееме 9 години никогаш да не се повтори!

Да не не заслепува грандиозноста на целта кој ја имаме во моментов, и да ја загубиме големата слика од пред очи. Да продолжиме да протестираме! Да ги менуваме формите, да бараме нови начини, но да не не пасивизира ова што има некоја бина негде и турнири во табла па со тоа е завршена работата! Нашата работа само што започнува.

Протестирам, значи постојам – како симбол на нашата борба за граѓанство. Не наследивме граѓанство од нашите збунети родители, па ние мораме да бидеме генерацијата која ќе бутка да се создаде истото. Да бидеме будни! Ве охрабрувам да истапите со сите идеи и замисли како би можеле да делуваме и демонстрираме автентична граѓанска волја. Во моментов кога се прекршува историјата, мораме да ги поставиме здравите темели на иднината.

Advertisements

Барајте не на улиците!

Другари и другарки,

Ова го пишувам неспиена, преморена и лута.

Ми стежнуваат во моментов сите чекори изодени овие четири години по улиците, сите заплашувања, сите етикети ми тежат; одново ги чувствувам сите неправди, ме жежат одново солзите на тие што биле гладни, крвави, беспомошни.

Живееме во држава каде немаме никаква контрола над својот живот – ги поминуваме деновите во милост и немилост на оние кои некако се истркалале до врвот, оставени сме на нивната каприциозност, немарност или пак ситни интереси. Сите демократски граѓански механизми кои му даваат сила на нашиот глас, кои се мегафон на нашата волја се угушени, се уништени или пак се блокираат целосно успешно. Одземени ни се медиумите, без кои не можеме да креираме јасна слика за нашето опкружување. Живееме во нечиј сон, конструкција, живееме во кошмарот на несигурноста, незнаењето и стравот!

Улиците се последното упориште, последиот простор за битка. Улиците се нашата последна шанса да излеземе од оваа криминална опресирачка матрица!

Ние сме на улиците затоа што Мартин не даваше отпор и не се опираше на ставањето лисици.

Ние сме на улиците затоа што Спасов мора да слуша усни наредби од полициска параструктура.

Ние сме на улиците затоа што Јанкуловска е нервозна што од идиоти не може да скрие убиство!

Ние сме на улиците затоа што премиерот не ја дели државата од партијата!

Ние сме на улиците затоа што нашите граѓани за нив се „човечиња“ чија мисла ја ставиле во затворот на нивната апсолутна власт.

Ние сме на улиците затоа што правдата мораме да ја бараме на странските судови!

Ние сме на улиците затоа што нашата младина наместо да го впива светот и да ја биде визионер на нашата иднина кампува пред институциите кои тоа треба да и го овозможат.

Ние сме на улиците затоа што ја претворија државата во агенција за вработување и поробија неброени фамилии.

Ние сме на улиците затоа што и ние сме полицијата, ЈСП, и ние сме Пустец, студентите, затоа што ние сме граѓаните!

На улиците сме затоа што сме сите оние луѓе кои мораат да молчат и веднеат глави заради ветувања, додека седат будни во ноќта мислејќи од кого следно да позајмат пари. На улиците сме затоа што татко му на Мартин испи солна киселина, а неговиот брат имаше срцев удар. На улиците сме заради сите такви трагедии кои се случиле тивко без никогаш да не дознаеме. На улиците сме заради она цинична насмевка упатена кон нас додека си прераскажуваат бајки гостувајќи по телевизиите. На улиците сме за тепаните, за сиромавите, за безгласните, за оние кои не смеат да излезат.

Кога ќе се наполнат улиците и не ќе не збира, ќе се истуриме во ходниците на оние згради каде седат циниците, и никогаш повеќе нема да го дадеме своето место.

А до тогаш: БАРАЈТЕ НЕ НА УЛИЦИТЕ!